
Ги демантираме тврдењата наведени во објавата на IRL на https://irl.mk/beg-rezervira-mazut-od-ratko-kapushevski-za-tsela-grena-sezona-vo-slucha-da-snema-gas-za-greee-na-skopani/ со наслов
„БЕГ резервира мазут од Ратко Капушевски за цела грејна сезона во случај да снема гас за греење на скопјани“
Во објавата, до јавноста се пласирани голем број невистинити и неточни информации за Балкан Енерџи Груп (БЕГ).
Имено, од 2013 година, компаниите во групацијата БЕГ поседуваат лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на дел од територијата на град Скопје. Компаниите во рамките на групацијата управуваат со дејноста централно греење од почетокот на 2013 година, што всушност значи дека не може да се поврзува БЕГ со начинот на работење пред десет години, пред отпочнување на вршење на дејноста на компаниите. Уште еднаш ве информираме дека топланите со кои управува БЕГ целосно се гасифицирани во 2013 година. Од тогаш производство на топлинска енергија од страна на БЕГ се врши исклучиво со користење на природен гас како гориво.
Сакаме да истакнеме дека БЕГ АД и компаниите во рамките на групацијата работат исклучиво согласно законски и подзаконски акти донесени од страна на државните институциите.
Производство на топлина Балкан Енерџи има договор за набавка на природен гас за грејната сезона 2020/2021. Набавка на природен гас за тековната сезона е веќе обезбедена преку спроведена отворена постапка за јавна набавка.
Заради законската обврска од Законот за енергетика за сигурно, квалитетно и континуирано производство на топлинска енергија, вршителот на дејноста регулиран производител на топлинска енергија е должен да обезбеди примарно гориво (природен гас) и оперативни резерви од алтернативно гориво во количина којашто е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет. Заради законските обврски, секоја година, независно од постапките за набавка на природен гас, се спроведуваат и отворени постапки за јавна набавка на мазут. Рамковната спогодба склучена со РКМ ДООЕЛ е со времетраење до крајот на грејната сезона 2020/2021 и со истата се обезбедени количини за максимален режим на работа на нашите постројки за производство на топлинска енергија за греење.
Нагласуваме дека БЕГ оваа грејна сезона нема да користи мазут како гориво, доколку нема прекин на испорака на природен гас за топланите со кои управува нашата групација.
Доколку има прекин на испораката на природен гас, мазутот е алтернативно гориво кое ќе се користи по добиено одобрение од Министерството за животна средина. Периодот на користење на алтернативно гориво зависи од периодот на прекин на испорака на природен гас. Производство на топлина Балкан Енерџи е меѓу првите компании во државата која има добиено А – дозвола за усогласување со оперативен план и досега никогаш не ги надминала зададените гранични вредности дадени во дозволата. Согласно дозволата, Производство на топлина Балкан Енерџи може да користи алтернативно гориво само во случај на прекин на испораката на природен гас и по добиено одобрение од Министерството за животна средина.
Проектираните количини во отворената јавна набавка се индикативни максимални количини за работа на мазут, но не значат обврска за нарачка. Доколку нема прекин на испорака на природен гас, договорниот орган нема обврска да нарача, набави и да плати било какви количини на мазут, што е и јасно нагласено во одредбите од Рамковната спогодба. Периодот за успешно завршување на една постапка за јавна набавка изнесува минимум од 30 до 40 дена и токму затоа е далеку поцелисходно и посигурно да се склучи Рамковна спогодба пред почетокот на грејната сезона, отколку да се спроведуваат ad-hoc тендери за одредени количини на мазут по пројавена потреба.
Во врска со изнесеното тврдење „БЕГ резервира мазут од Ратко Капушевски за цела грејна сезона во случај да снема гас за греење на скопјани изјавуваме дека Спроведени се две отворени постапка за јавна набавка објавени во домашни и меѓународни јавни гласила. Првата постапка беше поништена поради тоа што не беше доставена ниту една понуда. На втората постапка економскиот оператор РКМ ДООЕЛ беше единствен понудувач и истиот ги исполнуваше бараните критериуми за лична, професионална и техничка способност и барањата за квалитетот на мазутот. Не е склучена Рамковна спогодба со Ратко Капушевски, туку со економскиот оператор РКМ ДООЕЛ Скопје, кој ја докажа бараната лична, професионална и техничка способност, кој нема негативна референца од системот за јавните набавки, а кој и меѓудругото ја исполнува во целост бараната техничка спецификација за предметот на набавка – мазутот.
Не е точна информацијата во текстот „Законот им дозволува само 15 дена годишно да трошат мазут наместо гас“.
Законот обврзува обезбедување оперативни резерви од алтернативно гориво во количина којашто е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет, а дозвола за работа топланите на мазут дава Министерството за животна средина.
Не е точна информацијата во текстот „Топланите работат на природен гас, а во изминатите години ова е прва набавка на мазут во волку голема количина. “
Секоја година од 2013 година, пред почетокот на грејната сезона, се спроведуваат тендерски постапки за доделување на рамковна спогодба за јавна набавка на мазут. Постапките се јавно евидентирани на електронскиот систем за јавни набавки.
Не е точна споредбата на цените во текстот „Иако РКМ била единствен понудувач, нивната цена би била несоборлива и со конкуренција. Капушевски договорил цена од 21,2 за килограм мазут. Препорачната цена, пак, на Регулаторната комисија е 25.8 денари по килограм мазут. “, бидејќи споредбата е правена меѓу цена мазут без вклучен ДДВ и цена со вклучен ДДВ.
Понудената цена на РКМ е 21.28 денари, додека максималната цена на РКЕ во периодот на поднесување на понудата е 21,997 денари (износите се без ДДВ). Во Рамковната спогодба постои клаузула за варијабилна цена, што значи дека соодносот меѓу понудената цена и максималната цена на РКЕ треба да биде запазен при секоја одделна испорака на мазут, доколку за истата се јави потреба.
Во врска со ограничувањето на испорака на природен гас, НЕ е точно дека сме изјавиле “дека Бугарија неколку дена нема да врши испорака на гас до Македонија”. БЕГ ги извести своите потрошувачи дека, се најавени ограничувањa на испораката на природен гас од дистрибутерот АД ГА-МА, во периодот од 27 до 29 октомври. “Ограничување на испораката” не треба да се поистоветува со “нема испорака”. Изјавата за испорака на гас е на АД ГАМА и истата е целосно преземена од јавно споделено соопштение на АД ГАМА.